Ахмети во интервју за Дојче Веле: „Се согласуваме со Горна или Северна Република Македонија“
„Со нашиот коалициски партнер имаме разбирање дека треба да се постигне компромис со грчката страна околу името. Ние како Албанци ги информиравме сите партии од македонскиот политички блок со кои имиња не се согласуваме. Не се согласуваме земјата да се нарекува словенска Република Македонија, ни национална Република Македонија, ниту пак да остане во употреба поранешна југословенска Република Македонија.
Секој друг компромис за нас е прифатлив. На пример: горна Република Македонија, северна Република Македонија и сл. Моментно има една идеја од посредникот Нимиц и поради таа причина ДУИ ја има и оваа нагласена дипломатска активност, зашто оценуваме дека сега е моментот страните да седнат на заедничка маса. Јас, меѓутоа, не сум оптимист дека ова прашање ќе се реши сега во јуни со што би ги започнале преговорите за членство во ЕУ. Но сметам дека кога имаме една идеја на маса, тогаш има добра основа да преговараме и да разговараме. Не само Република Македонија, туку целиот Западен Балкан на стогодишнината од Балканските војни, низ кои сите наши народи минаа толку лоши нешта, треба да започнат нова епоха за добра соработка меѓу народите и државите и Балканот да стане дел од Европската Унија“.
Ахмети смета дека одлагањето на решавањето на овој проблем не е добро ни за Република Македонија, ниту за Западниот Балкан и не би влијаело добро врз меѓуетничките односи. Тој искажи загриженост од евентуалното одлагање.
На прашањето околу Голема Албанија одговори:
„Проектот за Голема Албанија е роден во големосрпските центри на Милошевиќ со цел да се отфрли легалното барање на Албанците кои тогаш живееле во поранешната Југославија. Приоритетните цели на Албанците кои живеат во Република Македонија се: целосната имплементација на Охридскиот договор, интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, економскиот развој и градењето здрави меѓуетнички односи меѓу сите кои живеат во земјата: Македонци, Алабанци, Власи, Турци, Роми, Босанци…“.