Да се чува и развива меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура!
По 46 пат во Охрид се одржува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Семинарот што го организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, го отвори претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека овој научен собир има исклучителен придонес во афирмирањето на македонскиот јазик и култура во светот, пренесе Охрид њус.
-Во јазикот се препознава минатото, сегашноста и иднината на еден народ. Преку јазикот гледаме какво е неговото историско искуство, каде се наоѓа, каде се стреми. Според некои процени, во богатата европска лингвистичка градина денес има околу 230 живи јазици, а македонскиот јазик е еден од нив. – рече во поздравното обраќање претседателот Ѓорѓе Иванов.
Во рамки на семинарот ќе работи традиционалната летна школа која ќе биде отворена до 28 јуни. На неа студенти од САД, Кина и Европа ќе имаат можност да посетуваат предавања, лекторски вежби и секции на македонски јазик.
На Меѓународниот семинар за македонски јази литература и култура до сега продефилирале над 3000 слависти и македонисти, меѓу кои и исклучителни научни имиња. За да се зачува високото реноме на семинарот, според експертите, потребна е поголема грижа од организаторот и од државата. Тие забележуваат дека скромниот буџет и поместувањето на терминот на одржување сериозно влијае како на квалитетот, така и на бројот на учесници на научниот собир.
-Ова е време на испитни сесии и завршни семинари и мислам со поместување на времето на одржување на семинарот се стеснува во извесна смисла базата. Јас би бил среќен да се вратиат оние стари времиња кога доаѓаа тука големни имиња.- рече проф.д-р Трајко Стаматовски, кој е присутен со предавања на семинарот уште од далечната 1968 година.
Годинава на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура учествуваат 90 слависти и македонисти од 23 земји од светот.