ДПМ бара одговорност за лустрацијата на Славко Јаневски!
Друштвото на писателите на Македонија денеска излезе со реакција за одлуката на Комисијата за верификација на факти да биде лустриран великанот на македонската книжевност, Славко Јаневски.
Во реакцијата се вели:
Друштвото на писателите на Македонија со огорченост ја отфрла апсурдната одлука на Комисијата за верификација на фактите со која писателот Славко Јаневски е прогласен за соработник на тајните служби.
Друштвото на писателите на Македонија бара одговорност заради овој антиуставен чин на Комисијата за верификација на фактите која посегна по една од најсветлите личности на современата македонска литература и култура, надвор од нормите што ги подразбира законот за лустрација.
Во спротивно ДПМ овој чин ќе го толкува како тенденција за бескрупулозно газење и рушење на темелните вредности на македонската национална култура.
Апсурдно е да се помисли дека дејствувањето на Славко Јаневски во литературата и културата било на штета на развојот на одредени автори и процеси. Напротив, делото на овој писател цврсто е втемелено во основите на современата македонска литература и живо присутно во сите фази од нејзиниот развој, се до крајот на неговиот живот.
Од денешен аспект, тринаесет години по смртта на Славко Јаневски, неговото творештво и неговата мисија се уште позначајни како писател и културен деец, како еден од иницијаторите за основање на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на македонската писателска асоцијација, еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, еден од оснивачите на Македонскиот ПЕН центар, член на оснивачкиот одбор на Струшките вечери на поезијата, покренувач на списанија, издавачки куќи и институции од областа на културата.