Крајна одлука: Јаневски прогласен за кодош
Лустраторите остануваат на својата одлука – академикот Славко Јаневски бил соработник со тајните служби.
Претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Анџиев, изјави дека Комисијата го следи законот и не се интересира за делото на лустрираниот граѓанинот. Од друга страна, член на Комисијата, Чедомир Дамјановски ја смета одлуката за противуставна.
„Одредбата за лустрирање на поранешни функционери, беше оспорена од Уставниот суд. И покрај тоа, таква одредба остана и во новата, трета верзија на законот кој со нов наслов стапи во сила во јули 2012 година“, изјави Дамјановски.
Дамјановски вчера тврдеше дека не постои документ кој ќе даде база за лустрација на Јаневски. Жалби до Комисијата пристигнаа од МАНУ, како и од Друштвото на писателите на Македонија.
„Се‘ што сакаше да каже, кажуваше јавно, а не да пишува некакви белешки. На седница на Централниот Комитет во Скопје, во присуство на Тито, јавно даваше остри критики за тогашните состојбите во земјата. Живи се сведоците на тие настани. Но, ете за жал, дочекавме големиот Блаже Конески да биде наречен ‘џуџето од Небрегово’, а сега да го лустрираат и горостасот од Скопје, творечкиот гениј, Јаневски“, констатираше академик Томе Серафимовски, долгогодишен пријател на Јаневски.
Останува нејасно зошто воопшто се лустрираат починати лица кога една од основните цели на процесот е лица кои соработува со тајни служби да се оневозможат да вршат јавни функции.
Л.С.