Утре започнува месецот Рамазан
На полноќ ќе започне најсветиот месец за верниците на муслиманската религија.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот (лунарен) календар. Тоа е месец во кој луѓето се прочистуваат духовно и физички. За време на Рамазан муслиманите постат од изгрејсонце до зајдисонце, се воздржуваат од сексуални односи и користење погрдни зборови. Верниците се молат и имаат обичај да раздаваат и да ги посетуваат и помагаат блиските.
На 7ми август ќе завршат постите со прослава на Рамазан Бајрам.
Али Ахмети со честитки до верниците:
„Со голема чест и задоволство во мое лично име и во името на партијата ДУИ на сите муслимански верници им го честитам почетокот на благословениот месец на Рамазан. Муслиманските верници му се радуваат на месецот на постот како месец во кој се промовира мир, толеранција и солидарност. Господ да ги благослови муслиманските верници каде и да се. Се надевам дека големиот месец Рамазан на Албанците и нивните семејства ќе им донесе здравје, благосостојба и меѓусебно разбирање“.
Л.С.