По повеќе од две децении тестирана зграда на „земјотрес“ во Скопје!
Десеткатница издржа вештачки земјотрес од 5,5 степени според Европската сеизмичка скала денеска во Ново Лисиче. Станува збор за симулиран земјотрес на зграда во станбената населба на Адора Инженеринг. Вештачкиот земјотрес го изведе Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИИС).
– Објектот е инструментиран во 100 мерни точки на кои се поставени најпрецизни инструменти за мерење на забрзување. Собирањето и обработката на податоци се врши во реално време со што може да се набљудува тродимензионалното вибрирање на зградата, рече директорот на Институтот, Михаил Галевски.
Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски го поздрави потегот на Адора и ИЗИИС кој е организиран во пресрет на одбележувањето на 50 години од скопскиот земјотрес.
Ова мерење е прво од осамостојувањето на Македонија. Последните биле направени на крајот на 90-тите на минатиот век.