Петковски осуден за клевета на Груевски
Основниот суд Скопје 2 денеска донесе одлука по тужбата што ја покрена премиерот Никола Груевски против лидерот на НСДП Тито Петковски.
Како што соопшти судијата Нухи Рустеми, Петковски е казнет за нарушување на угледот и честа на Груевски.
Тужбеното барање на Груевски за отштета од 950.000 денари е делумно усвоено во однос на сумата, а е прифатено во целост од аспект на одговорноста на Петковски.
„Тужбеното барање на Груевски делумно се усвојува. Се утврдува одговорност на Петковски за клевета кој ќе треба да плати паричен надомест за нематеријална штета, за нарушен чест и углед во износ од 650.000 денари со законска казнена камата сметано од 15.07.2013 година“, рече судијата Рустеми, објавувајќи ја пресудата.
Според Никола Додевски, ополномоштениот адвокат на премиерот Груевски, овој предмет од правен аспект бил прилично едноставен „Целосно е утврдена одговорноста за давањето тенденциозна, невистинита изјава. Усвоено е тужбеното барање во однос на одговорноста согласно Законот за граѓанска одговорност за клевета во целост“, изјави Додевски по изречената пресуда.
Тито Петковски, по одржувањето на рочиштето изминатиот четврток, изјави дека доколку владее правото и доколку судот го почитува законот, тогаш Груевски „не може да му ги земе парите”.