Концерт на светскиот виолончелист Антонио Менезес на Охридско лето
Во црквата „Света Софија“ во рамките на културната манифестација „Охридско лето“ вечерва ќе се одржи концертот на светскиот виолончелист Антонио Менезес кој заедно со Олга Задо, една од најперспективните пијанисти од нејзината генерација, ќе изведат дела на Шуман, Брамс, Франк, пренесе Охрид њус.
„Во изминатите неколку фестивалски изданија во црквата Света Софија настапија најелитните челисти на денешницата. Во фестивалската историја се запишаа имињата на Александар Рудин, Наталија Гутман, Давид Герингас, Миша Мајски, Моника Лесковар, Ксенија Јанковиќ. Минатогодишното фестивалско издание беше затворено со настапот на изворедниот Енрико Диндо, кој зад себе остави концерт за паметење. Оттука се потешко станува да се најде челист кој што ќе остави уште поголем уметнички впечаток од неговиот претходник. Но потрагата по најдобрите, најуспешните преставува основна определба и голем предизвик и токму затоа ми преставува голема чест што оваа година фестивалската публика ќе има можност да ужива во изведбите на еден од најбараните изведувачи на виолончело на денешницата, Антонио Менезес, – рече селекторот на музичкиот дел на Охридско лето, Гордана Јосифова Неделковска.
Антонио Менезес е роден во Бразил, во семејство на музичари. Студиите по виолончело ги започнува на 10 годишна возраст. Првата награда ја освои на ARD International Competition во Минхен во 1977 година, а ги освои првата награда и златниот медал на натпреварот „Чајковски“ во Москва во 1982 година. Од тогаш тој има славна меѓунарoдна кариера.
Олга Задо е победник на меѓународните натпревари „Владимир Хоровиц“ и „Сергеј Прокофјев“, a исто така таа ја освои и специјалната награда „Тереза-Дусот“ на меѓународниот натпревар Владимир Крајнев“. Задо веќе настапува со оркестри, во соло рецитали, како и со меѓународно признати уметници, како што е виолончелистот Антонио Менезес, во големи концертни сали и места низ Европа.
Концертот ќе започне во 21 часот.