Академик Божин Павловски прогласен за кодош
Комисијата за верификација на факти го прогласи Академикот и писател Божин Павловски за соработник на тајните служби. Одлуката е донесена со 8 гласови „за“ и еден против на членот Чедомир Дамјановски. Павловски во последно време беше најжесток критичар на македонската лустрација. Лустрираниот Павловски требаше да биде на дневен ред пред два дена, но разгледувањето на неговите досиеја беше одложено за денеска.
Токму пред два дена тој се обрати со отворено писмо до премиерот Никола Груевски.
„Лустрацијата на уметниците, научниците, публицистите секогаш го прават добро платените лекоумни. почнуваат со невкусни шеги и завршуваат во историско ѓубре. реванширањето е крволочен процес во кој не страдаат само лудите политичари и понемоштените, жените и децата. напуштајќи ги институциите кои се во контрола на актуелниот режим, со целосен личен мир ве информирам дека во вториот роден крај ќе продолжам на најубав начин да го промовирам мојот прв роден крај…“, напиша Павловски.
Вчера тој поднесе оставка од Друштвото на писателите на Македонија, како и од МАНУ, станувајќи прв академик кој поднесува оставка од титулата.
Пред два дена Комисијата како некогашни соработници ги прогласи и академикот Томе Серафимовски, поранешниот шеф на тајната полиција Слободан Богоевски, еден поранешен судија и еден поранешен советник.
Инаку, Друштвото на писателите на Македонија ја нарече лустрацијата хајка против македонските писатели.