Јавни личности го креваат гласот за Томислав Кежаровски
Весникот „Нова Македонија“ објави јавно изнесени ставови и поддршка за притворениот новинар од неколкумина јавни личности кои соопштија дека власта не им се обраќа со зборови на новинарите туку опоменува со испраќање на сигнали.
Слободан Унковски
Апсењето на новинарот Кежаровски е страшно зашто е поради јавно публикуван текст и со ваквите акции се загрозува малиот преостанат простор на медиумски слободи и просторот на трагање по вистината кај нас.
Да верував дека власта нема влијание врз судството и дека судството е навистина непристрасно, не ќе го пишував овој текст. Изјавите што стигнуваат од судот за тоа дека сите се еднакви пред законот, па зошто и Кежаровски би бил исклучок, би ги дополнил со една скопска синтагма: сите се еднакви пред законот мање више. Судската власт ќе истакне дека Кежаровски е поеднаков од другите, па не само што нема да го пушти од притвор туку ќе направи сѐ за да го осуди на затворска казна.
Оваа власт не греши, не се извинува и нема милост, сеедно што се залепила како бршлен до верата и религијата во Македонија и, според тоа, новинарската фела и сите ние што сакаме да живееме во демократија и слободно општество треба да се подготвиме за да се почне поинаква војна со тоталитаризмот. Не се доволни свирчиња или свирежи пред судската зграда, туку ќе биде потребно да се појават црни насловни страници, да згаснат вестите, да запре ТВ-програмата, а граѓаните да излезат на улиците како црница и да се изборат за фер однос кон Кежаровски и кон самите себеси и своите животи.
Веќе неколкумина рекоа, а и јас сакам да предложам: да отвориме еден „ќелеш тефтер“, каде што ќе се запишуваат имињата, за да може еден ден, кога ќе се суди за грубите злоупотреби на овој систем, да не се пропуштат некои извршители, послушници, одработувачи, платеници, уривачи на демократските капацитети на нашава земја, судии, обвинители и други служби.
А и новинарите – монструми кои ги спинуваат спиновите, сеедно што Селмани тврди дека такви не постојат. Па да бидеме пак сите еднакви пред законите…
Петар Стојковиќ
Третото продолжување на притворот за новинарот Томислав Кежаровски е флагрантна злоупотреба на правосудниот систем за политички реваншизам насочен кон сите што се критички настроени или барем негуваат критичка мисла за општествените појави, вклучувајќи ги криминалот, корупцијата, злоупотребата на моќта… Непочитувањето и повредувањето на основните човекови права и слободи е практика на државните институции, која зема сѐ поголеми размери, штетни по демократијата, како и по здравјето и животот на граѓаните. Во ситуација кога работењето и одлуките на судовите се диктираат од центрите на моќ, сериозно се доведува во прашање можноста за обезбедување услови за фер и правично судење, па оттука можеме да констатираме неисполнување, или подобро речено кршење, на членовите 10 и 11 од Универзалната декларација за човекови права, која ги дефинира основните слободи и човекови права присутни во Повелбата на Обединетите нации, обврзувачки документ за земјите-членки, вклучително и Република Македонија, која пред точно 20 години стана 181-та полноправна членка на ООН. Имено, токму затоа апелирам новинарот Кежаровски да биде ослободен и да му биде овозможено да се брани од слобода, бидејќи сите предиспозиции за таква одлука на судот се одамна исполнети. Неговиот притвор, наместо во превентивна мерка, се претвора во казнено-поправна мерка, која повеќе оддава впечаток на тортура и испраќа лоши сигнали до сите оние што во иднина ќе се дрзнат да го преиспитуваат работењето на државата и на државните органи, но и придонесува за создавање слика на нивна безгрешност и неказнивост. Слобода на мисла, слобода на говор, слобода на медиуми, слобода за Кежаровски – сега!
Веле Митановски
Како дел од македонската медиумска заедница, еден од најстарите членови на ЗНМ и негов колега што искусил што значи да се шпартаат судските ходници, апелирам до повиканите, на Кежаровски да му овозможат да се брани од слобода, штом веќе поднел имотна гаранција. Навистина, ние, новинарите, сме еднакви граѓани како и сите други, со исти права и одговорности, но сепак полицискиот и судскиот третман кон новинарите имаат посебна, специфична тежина и претставуваат чин што, сам по себе, ја сензибилизира јавноста, пред сѐ, еснафските здруженија. Како пратеник, реагирав од собраниската говорница, кога силник на една политичка партија го удри колегата Дулови во собраниските ходници, за што и самиот бев цел на вербални напади и заканувања, од страна на друг пратеник-колега, од истата партија. Без разлика, секогаш ќе реагирам на ист начин и во името на солидарноста кон колегата упатувам апел за негово ослободување од притвор.
Ферид Мухиќ
Ова што се случува е игнорирање на сѐ друго освен на сопствената моќ. Власта не им се обраќа со зборови на новинарите, туку опоменува со испраќање сигнали. Правото на Кежаровски да се брани од слобода е неоспорно, бидејќи тој нема каде да избега и не може да влијае на постапката. Гледате, меѓу редови судот што ви кажува на вас, новинарите: „Додека вие се обидувате насила да издејствувате слобода за Кежаровски, нема да го ослободиме. Молчете, не протестирајте, па ќе го ослободиме“.