Гаранцијата на Кежаровски за да излезе од притвор е мала – тврди обвинителката
Јавната обвинителка Лиле Стефанова која го застапува обвинението во случајот „Ликвидација“, каде што покрај судии, обвинители и адвокати, обвинет е и новинарот Томислав Кежаровски, тврди дека понудената гаранција е мала.
-За обвинетиот Томислав Кежаровски е понудена гаранција во износ од 1.266.000 денари, која како што наведов и претходно, не кореспондира со тежината на кривичното дело кое му се става на товар на обвинетиот и не може да се прифати дека со истата ќе се обезбеди неговото присуство –пишува на крајот од обвинението обвинителката Лиле Стефанова.
Обвинителката му предлага на судот да не ја прифати одбраната на Кежаровски, кој се бранел дека немал намера некому да стори зло, дека во првиот број на весникот го прикрил телефонскиот број на сведокот, а во вториот, објавувањето било грешка, која не била намерна.
-Од увидот во списанието „Репортер“ се гледа дека на страната каде што е објавен текстот, обвинетиот Кежаровски го цитира Законот за заштита на сведоци, по образование е дипломиран правник и апсолутно му се јасни одредбите во поглед на кривичната одговорност која ја имал- пишува во обвинението.
Обвинителката Стефанова смета дека за поголема читаност на списанието, Кежаровски свесно го открил идентитетот и другите податоци на заштитениот сведок „Бреза“ кој на почетоков на годинава побара да му се симне заштитата и сведочеше со неговиот вистински идентитет, Златко Арсовски. Тогаш, тој објасни дека лажел додека бил под заштита околу вината на обвинетите во случајот со убиството во селото Ореше.
-Очигледно е дека обвинетиот Јане Павловски Тица и семејството на обвинетите за убиството во Ореше, јасно препознале кој е идентитетот на сведокот, што се потврди од примената на посебните истражни мерки, па правеле обиди да разговараат со него, праќале луѓе уште во затворот во Штип, го следеле неговото движење и на крај создале ситуација Златко Арсовски да го открие својот идентитет и да сведочи во постапката но сега дава сосема друг исказ- е наведено во обвинението.
Судењето е закажано за 9-ти август, откако обвинетите не поднеле приговори на обвинението, па тоа станало правосилно. Обвинителката бара казни за сите обвинети, како што е предвидено во законот
Саше Димовски