Обвинителот Ефремов се извинувал: правел се‘, ама не успеал да го укине притворот за обвинетите во случајот „Ореше“
Обвинението покренато против судии, обвинители и адвокати од Велес, во случајот „Ликвидација“ на виделина вади серија пикантерии, кои фрлаат сосема поинаков тек на судската постапка за нарачаното убиство во случајот „Ореше“, од тоа што можеше да го види јавноста во судница во изминатите 5-6 години.
Од листингот на следени и прислушувани разговори, смс пораките и видео снимките кои биле обезбедени со посебните истражни мерки, како што тврди Обвинителството за организиран криминал, се гледа дека обвинителот Ивица Ефремов кој го застапуваше обвинението, во исто време, под влијание на другите обвинети, правел се‘ да им помогне на браќата Ордан и Љубе Ѓорѓиевски да излезат од притвор
-Очигледно е дека влијанието било извршено врз обвинителот Ивица Ефремов, тврди обвинителката Лиле Стефанова (за влијание се обвинети Сашко Лазаров, Борис Николовски и Јане Павловски Тица). На тоа упатуваат контактите и пораките од една страна, а од друга страна ова може да се види и од разговорот што го води сега обвинетиот, обвинителот Ивица Ефремов, со таткото на Ордан и Љубе Ѓорѓиевски, обвинети во „Ореше“, каде што, дури и му се извинува, што иако презел се‘, не успеал да добие поддршка за да даде позитивно мислење за укинување на притворот. Разговорот (со таткото на браќата Ѓорѓиевски) го завршува со ветување дека повторно ќе се обиде да преземе се‘ што може- открива дел од доказите во обвинението обвинителката Лиле Стефанова, кое ќе го презентира пред скопскиот кривичен суд на 9 август оваа година.
Браќата Ѓорѓиевски беа обвинети дека го убиле старецот Лазо Милошевски, по нарачка на Ѓоре Петровски, гастарбајтер од САД. Два пати беа осудени на затворски казни од по 12 години затвор, а по промената на исказот на заштитениот сведок „Бреза“ беа ослободени.
Обвинителот Ивица Ефремов и другите обвинети во овој предмет, биле следени и прислушувани од 26 февруари 2009 година до 20 април 2010 година. Меѓу следените комуникации, се и телефоните на судијата Иле Танев, на адвокатите Валентин Зафиров и Сашко Лазаров, на екс врховниот судија Борис Николовски, на Јане Павловски Тица и Џини Хофман.
Покрај за против законито посредување и злоупотреба на службената положба и овластување, обвинителот Ефремов се товари и за недозволено држење оружје.
Во сеф во неговата спална соба биле откриени два пиштоли и 114 куршуми. На прашањето, од каде му е нелегалното оружје, Ивица Ефремов тврдел дека не знаел дека во сефот што му бил во спалната соба имало и оружје.
Саше Димовски