Пратеник на ВМРО ДПМНЕ сведок во случајот „Ликвидација“
Пратеникот Трајчо Димков, од редовите на владејачката ВМРО ДПМНЕ е предложен за сведок во судската постапка која се води против судии, обвинители и адвокати од Велес, како и против новинарот Томислав Кежаровски во случајот „Ликвидација“.
Сегашниот пратеник од Штип, Трајчо Димков, бил директор на затворот во Штип во периодот кога од Скопје во тој затвор бил префрлен заштитениот сведок Златко Арсовски, алијас „Бреза“ за кој пишувал новинарот Кежаровски.
Пратеникот треба да сведочи за моментот кога во затворот во Штип дошол Валентин Зафиров, тогаш истражен судија од судот во Велес и пред Димков, неговата заменичка Марија Којзеклиска и затворски чувари наводно побарал сведокот да се потпише на два записници, на едниот како Арсовски, а на другиот како „Бреза“ и на тој начин го открил неговиот идентитет.
-На 06.11.2008 година спротивно на член 4 од Законот за заштита на сведоци, обвинетиот Валентин Зафиров, заедно со дактилографката Наташа Перкова отишол во затворот во Штип, каде што два дена претходно бил пренесен загрозениот сведок, па на директорот на затворот Трајчо Димков му кажал дека претходниот ден Златко Арсовски во судот во Велес бил сослушуван како загрозен сведок, но не се потпишал на записникот со неговото вистинско име, па кога бил повикан Арсовски, во канцеларијата потпишал две решенија, како „Бреза“ и како Арсовски и на тој начин, спротивно на законот го оддал неговиот вистински идентитет- тврди обвинителството.
Сегашниот пратеник Димков дал изјава за тоа што се случувало и во постапката што се водеше пред Судскиот совет кога беше разрешен судијата Валентин Зафиров. Во таа постапка имаше изјава и на екс пратеничката Марија Којзеклиска, која сега не е предложена како сведок.
Зафиров е обвинет за оддавање на идентитетот на „Бреза“ и за против законито посредување кај обвинителот Ивица Ефремов, за тој да издејствува да не се продолжува притворот на Зоран Манасков –Скршениот.
Саше Димовски