Виктор Лилчиќ на местото на Паско Кузман
Професорот на Филозофски факултет, Виктор Лилчиќ, е новоименуваниот директор на Управата за заштита на културно наследство кој на оваа функција ќе го замени досегашниот директор Паско Кузман, пренесе Плусинфо.
Лилчиќ е именуван на оваа позиција за време на вчерашната седница во Владата.
Професорот на катедрата по археологија, доаѓа на оваа позиција откако Кузман беше уапсен и притворен под обвинение дека учествувал во аферата „Фаланга 2“. На вчерашната седница истовремено бил констатиран престанокот на мандатот на Паско Кузман кој пред неколку месеци ги исполни условите за старосна пензија и продолжи да ја раководи институцијата до назначувањето на новиот директор.
Лилчиќ се пријавил на првиот јавен повик за пројавување интерес за ангажман на раководни функции каде беше предвидена и оваа позиција, а од Владата велат дека оставил најдобар впечаток на интервјуата и во првата и во втората фаза. Оттаму додаваат дека презентирал идеи за управувањето со институцијата и за развој на дејноста.
Професорот е роден 1956 година, во 1978 дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата за историја на уметност и археологија, на истиот универзитет магистрирал на тема „Античка градежна керамика во Македонија, Скупи, Стоби, Хераклеја и Стибера“, а во 2000 година докторирал на универзитетот во Белград.
Негов предмет на интерес се повеќе периоди од македонското минато како античката градежна керамика, стари гробници и нагробни споменици во Македонија, архитектонска камена пластика, ранохристијанска и средновековна христијанска архитектура, нумизматика, литургија и камена пластика, доцноантички и средновековни тврдини во Македонија и античко кралство на Македонија.