Поевтини елаборати за легализација на дивоградби за социјалци!
Сите граѓани кои до 18 јуни следната година нема да поднесат елаборати за бесправно изградените објекти ќе го изгубат правото на легализација. Ресорното министерство засега не размислува за продолжување на рокот, а најави дека за социјалните случаи изработката на елаборатот е поефтин за 50 отсто.
Досега над 200 илјади граѓани и компании воопшто не поднеле барање за изработка на елаборат, а доколку тоа не го сторат во најскоро време, геодетските фирми не ќе бидат во можност навреме да ги изработат елаборатите.
– Граѓаните и компаниите во најкус можен рок да побараат изготвување на геодетскиот елаборат, а општините да им укажат дека доколку до 18 јуни не го поднесат елаборатот, ќе го изгубат правото на легализација. Доколку барањето не се поднесе до 18 јуни 2014 година тогаш се губи правото да се легализира објектот. Предметот ќе биде одбиен и потоа корисникот воопшто нема право да го легализира својот објект, без разлика дали претходно поднел барање за легализација или не, потенцира министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на денешната прес-конферениција.
Во тој случај, објектот кој што нема да биде легализиран, ќе биде подложен на Законот за градење, односно може да биде срушен.