Наскоро вистината за „Кингерот“
Новата истрага што ја води меѓународниот тим за авионската несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година кај Ротимље кај Мостар, во која животот го загубија поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски со соработниците и членовите на екипажот, ќе заврши до крајот на годината потврди главниот истражител и претседател на Комисијата за воздухопловство при Министерството за сообраќај и комуникации на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ, објави 24 Вести.
– Интензивно работиме. Планот е сите активности да ги завршиме до крајот на годинава. Ги лоциравме недостатоците кои ги направила претходната комисија и причините заради кои е отворена новата истрага. Тоа го имаме лоцирано и знаеме што е проблемот, но се уште не сме ги утврдиле причините. Тоа ќе се решава на крајот – изјави Кулиќ за агенцијата Анадолија.
На прашањето дали во извештајот на меѓународниот тим ќе постои разлика во однос на заклучокот дека се случила „пилотска грешка“ од 2004 година, Кулиќ одговара дека „некои разлики мора да постојат, во секој случај ќе постојат“.
Во меѓуанродниот тим што го истражува случајот „Трајковски“ се вклучени експерти од Америка, Германија, Хрватска, Србија, Македонија и Босна и Херцеговина.