Свети пророк Илија – Илинден
Големиот македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот човек асоцира на славното Илинденско востание и на Крушевската република, сепак во својата основа го има Свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања.
Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Христа (поточно роден е во 816 година пред Христа) во местото Тесвит.
Во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува и заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз свети Илија се пренесени многу елементи од врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун.
Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, Св. Илија трчал со кочијата по облаци за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај и да удрело ќе расипело и убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“