Иванов: Иако не навреди и разочара ЕУ е најхуманиот дел од светот
Кога станува збор за државните интереси мора да бидеме обединети, затоа денес на Илинден повторно ве повикувам да бидеме обединети. Да се биде Македонец и граѓанин на Македонија значи да се негува различноста што сите нас нè прави побогати обединети и единствени. Ние си припаѓаме едни на други како што ѝ припаѓаме на нашата заедничка Македонија. Таа денес нè повикува да се натпреваруваме во нашата добрина, рече претседателот Ѓорѓе Иванов во своето обраќање по повод 110-годишнината од Илинденското востание и 69-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, денеска на Пелинце.
– Слободата има свои корени, своја почва, корените на нашата слобода се тука во Македонија. Семето на илинденците стана семе на асномци, чии жетви и денес нè прехрануваат. Сонцето и Илинден се македонскиот симбол на слободата. Пред точно три години на ова исто место реков дека нашата цел е Македонија да биде целосно интегрирана. Свесни сме дека на тој наш пат е испречено апсурдно барање, од нас се бара да се откажеме од сопственото име, од сопствениот идентитет. Човек може да се откаже само од она што го поседува. Името и идентитетот се дел од нас и ние сме дел од нив. Да се откажеме од идентитетот е да се бара да ја исушиме река чија вода пиеме. Од нас се бара да се откажеме од историјата. Но, историјата не е приватна сопственост на само еден народ и на една држава. Таа е сиот преживеан живот на генерациите пред нас. Историјата е заедничка и им припаѓа на сите европски народи – рече Иванов.
Претседателот, како што пренесе Плусинфо, смета дека иако нè навредила, сепак, ЕУ е единственото место на светот каде што има мир, спокојство и е наша стратешка цел.