Груевски предложи да се промени форматот на преговорите за името
Премиерот Никола Груевски ќе побара од Обединетите нации промена на форматот на преговорите во спорот околу името и во нив да се вклучат премиерите на двете земји, Македонија и Грција,пренесе Плусинфо.
– Мора да се спомене дека разговорите со Грција се во ќорсокок во кој единствена цел е купувањето време. Како да решиме спор ако не разговараме, ако постојано како одговор добиваме клише реакција, кога буквално никој, освен нас не е мотивиран да го реши. Ајде да седнеме и да разговараме. Повикувам на промена на форматот на разговорите за наоѓање решение, односно носители на одговорните тимови на двете земји да бидат премиерите. Тие да дојдат до за двете страни прифатливо решение, а крајниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум – образложи Груевски.
Во говорот на Груевски, на Мечкин Камен во Крушево по повод Илинден, тој најави дека ќе се обрати до ОН со став за промена на форматот на разговорите со кои премиерите би учествувале со тимови и експерти, во присуство на медијаторот Метју Нимиц.