Втора жртва во сообраќајката кај Охрид
Тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во 19.15 часот на магистралниот пат Охрид – Кичево, помеѓу селата Климештани и Ботун, ја однесе и втората жртва. Како што пренесоа повеќе скопски медиуми повикувајќи се на извори од МВР, во несреќата на лице место животот го загубил 29 годишен прилепчанец, а на повредите здобиени во сообраќајката подоцна им подлегнала и една девојка чиј идентитет засега не е познат. Во несреќата повредени се уште пет лица.
Потврда на ваквите информации се уште не е пристигната од СВР Охрид. Оттаму претходно информираа дека во несреќата учествувале две патнички моторни возила, „пежо 206“ со прилепски регистарски таблички и џип со американски таблички, пишува Охрид њус.
На местото на настанот извршен е увид, а поради несреќата сообраќајот на магистралата извесен период беше во застој.
Фото: Охрид њус