Ѓоргиев: Законски се исечени дрвјата кај Бристол
За изградба на објектот на Советот за радиодифузија на парцелата кај хотелот „Бристол“ запазени се сите процедури согласно постојните закони. Овој случај не треба да се користи за политичка промоција, бидејќи со негова изградба државата ќе заштеди пари кои досега се одлевале за кирии, а ќе се овозможи и работа на градежниот сектор, изјави денеска портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.
– Сите дејствија, сите процеси, сите процедури во врска со уредувањето на градежното земјиште и припремата за градба во централното градско подрачје се и ќе се извршуваат согласно законите. Тоа е законско право, но истовремено и законска обврска за секоја институција независно дали е локална или централна – вели Ѓорѓиев.
Како што пренесе Плусинфо, Ѓоргиев нагласил дека обврска на секоја институција на централната и на локалната власт била да ја гарантира правната и економската сигурност на секој субјект, на секој инвеститор независно дали е државен како во овој случај или пак приватен инвеститор кој што ги добил сите одобренија за градба, кој што ги уплатил сите комунали, кој што планирал деловен потфат и кој што го реализира.
Ѓоргиев нагласи дека Владата до сега покажала низ своите политики и активности дека се грижи за животната средина и пошумувањето.