Нова зграда на Клинички центар „Мајка Тереза“
Ќе се преуреди Клинички центар „Мајка Тереза“. Со 70 милиони евра ќе се гради нов објект од седум ката во кој ќе бидат сместени речиси сите клиники на едно место, ќе се реконструира објектот во кој се сместени Хируршки клиники, ќе се изградат две катни гаражи и ќе се уреди голем парк со пешачки патеки, пренесе Плусинфо.
Парите ќе се обезбедат преку кредит од Советот на Европа, а државата ќе ги враќа во наредните 20 години. Изградбата на новиот Клинички центар ќе почне во 2014 година и ќе трае 3 години.
Ќе се урнат постарите градби во комплексот клиники, интерните клиники, и на нивно место ќе се засади зеленило. Поновите градби ќе се искористат за други намени како Клиниката за радиологија во која ќе биде сместена администрација.
На врвот од објектот е предвиден рамен зелен покрив со тревна површина и патеки со светилки. Фасадата ќе биде енергетско ефикасна, а една од поголемите придобивки, според министерот Никола Тодоров, е тоа што возилата повеќе нема да цирклулираат низ клиничкиот кампус, туку ќе се движат исклучиво до катните гаражи.
– Ќе се оневозможи движење на возила внатре во комплексот што ќе се постигне со изградба на две катни гаражи кои ќе имаат капацитет од 1.250 паркинг места. Едната катна гаража ќе биде изградена на булеварот Мајка Тереза, на местото на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, а другата кај Клиниката за Инфективни болести. Од оваа катна гаража посетителите ќе можат да се движат кон клиниките само пеш, но низ покриени пешачки патеки – рече министерот за здравство.
Тодоров додаде дека објект ќе овозможи голем број придобивки како што е намалување на прекумерниот број неискористени болнички легла, клиниките ќе бидат сместени на едно место со што ќе се минимизира растојанието што патниците треба да го поминат, а, меѓу другото, кадарот ќе се сконцентрира на едно место и ќе се немалат дежурствата на повеќе анестезиолози на пример со што сега дежураат повеќе на различни клиники, додека во објектот ќе бидат достапни на повеќе одделенија.
Досега е изработено идејното и архитектонско урбанистичкото решение за објектот, а преостанува уште основното решение, по кое ќе биде распишан тендер за изградба. Проектантските решенија ги изработиле италијанска и германска компанија.