Свети Климент Охридски и Свети Пантелејмон
Свети Пантелејмон е роден во градот Никомидија во третиот век. По раѓањето бил наречен Пантелеон, што значи „лав“, но подоцна името му било заменето со Пантелејмон, што значи „семилостив“. Уште од раното детство бил вопситуван во христијански дух, бидејќи мајка му била христијанка.
Пантелејмон бил познат исцелител и во една прилика откако лекарите му се пожалиле на царот Максиминијан дека тој лекува болни затвореници христијани, бил повикан во царството. Царот кој бил многубожец го прашал Пантелејмион во што верува, а овој одговорил дека верува само во еден Бог и со помош на божјата волја излекувал парализиран човек. Царот се разлутил, го погубил болниот, а Пантелејмон бил измачуван и погубен.
Овој светител будно го чувал Велес уште од IV-от век. Епидемиите на чума и колера што ги пустошеле овие краишта благодарејќи на исцелителната моќ на заштитникот не го опустошиле Велес. Градот постои 23 века од кои цели 19 века му благодари на целебникот Пантелејмон. Приказната за него се пренесува како легенда и предание на секоја нова генерација велешани за тие во 1840 година да му изградат храм.
Андреја Дамјанов, мајсторот што градел цркви и манастири во Мостар, Сараево, Призрен, Штип и ширум целиот Балкан, ја изградил и манастиорската црквата во комплексот Јоаким Осоговски, за најпосле да дојде овде, да го направи своето ремек дело и да почива тука, блиску до него. Оваа македонска миланска скала, градба што и денес ги воодушевува архитектите е знакот за благодарност што велешани му го подариле на својот спасител Св. вмч. Пантелејмон.
Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски Чудотворец. Првиот македонски архиепископ, во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа, исто така е најзначајниот средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, црковно,просветно, книжевно и.т.н. тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.
Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога Свети Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент и тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Свети Кирил во Рим, Свети Климент заедно со Свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на Свети Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година, со Свети Наум и Свети Ангелариј дошле во Охрид. Овде ја основале познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3500 ученици за црковна богослужба.
Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на Кирил и Методиј познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници , за други празници на апостоли и маченици како и повеќе пофални слова за христијаски светители. Се упокоил во 916 година и бил закопан во гробот што го ископал со сопствени раце во црквата посветена на Св. Пантелејмон на Плаошник.
Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од страдања.