Обвинителката криела докази во „Ликвидација“ – обвинуваат адвокатите
Јавната обвинителка Лиле Стефанова, која го застапува обвинението во случајот „Ликвидација“ во кој е обвинет и новинарот Томислав Кежаровски криела докази, обвини одбраната на денешното судење во Скопје, откако беа одбиени нивните предлози дека одделот за организиран криминал не е надлежен да суди за дел од обвинетите.
Адвокатот љубомир Михајловски Џанго истакна дека е шокиран од односот на обвинителката, бидејќи во обвинението виделе дека има понудено транскрипти од понудени разговори кои ги немало во истрага.
-Ова е невидена игра на обвинителството. Тие докази ги имале, но не ни беа дадени во истрага. Се распрашав кај истражната судијка која рече дека ги имала во класер и ќе ги доставела до овој совет. Како ние ќе браниме, а вие ќе судите ако не знаеме кои докази ги има во предметот. Затоа, за криење докази ние ќе поднесеме пријави – рече адвокатот Љумомир Михајловски џанго.
Филип Медарски, адвокат на Томислав Кежаровски бараше одговор од судот зошто не му дозволуваат да изврши увид и да се запознае со содржината.
-Ги барав изданијата на Репортер, да видам што објавил Кежаровски, но во истрага ми рекоа дека ги немаат и не можат да ми ги дадат- рече Медарски.
До сега, свој исказ дадоа судијата Иле Танев, Сабедин Џими Хофман и Влаентин Зафиров, кои рекоа дека не се виновни за тоа што им се става на товар.
Судијата Танев рече дека ќе биде преседан во судството, нему да му судат како судија за наводно сменета доставница. Рече дека Хофман не го познава приватно, дури и ги судел членовите на неговата фамилија, па од таму нема логика тој да бара поткуп преку него.
По паузата, во попладневниов дел треба да дадат изјава другите обвинети.
Саше Димовски