Странските експерти сметаат дека и новинарите може да се лустрираат
Треба да се отворат досиејата на новинарите кои во минатото биле во административен брак со тајната полиција, рекоа експертите на меѓународната заедница кои учествуваа во подобрувањето на текстот на законот за медиуми на јавната расправа организирана од министерството за информатичко општество.
Секоја од државите треба самата да реши како ќе постапи во врска со ова прашање, советуваа експертите.
Бернхард Мовес, рече дека лично, како Германец, смета дека не е дозволено новинарите да соработуваат со тајните служби.
– Еве краток одговор, не. И не зборувам од името на Советот на Европа, туку одговарам лично, како Германец. Во Германија имавме некое искуство со оваа работа. И тоа го направивме ние во Германија, ги отворивме тие досиеја и многу ни помогна тоа за самиот процес на повторно обединување на двете Германии – рече Мовес.
Со ист став беше и претставничката на ОБСЕ.
– И јас кратко ќе одговорам, но не како експерт од ОБСЕ туку како Естонка. Нашите досиеја не се веќе во Естонија туку во една наша соседна земја и не можеме да ги отвориме. Тоа кај нас е меѓудржавно прашање. Од правен аспект, нема меѓународно право кое гласи вака или онака за таа тема. Тоа е веќе политичко и етичко прашање дали државата ќе се одлучи на тоа или не – истакна таа.
Претставничката на ТАИЕКС мисијата, која исто така работеше на законот за медиуми и на неговото усогласување со европската пракса, рече дека не е дозволено новинар да работи со тајната полиција.
– Ако го работи тоа, тој веќе не е новинар. Мислам дека ако има такви досиеја, како граѓанин кој што исто така бил лично контролиран од тајната полиција, дефинитивно е важно да се отворат сите овие досиеја и да им се каже на луѓето кој сè бил вклучен во сето тоа. Меѓутоа, ова е прашање на лустрација и во различни земји тоа има различен одглас и различни последици – посочи таа.
Фото: МИА