Судот во Индија не му верува на Субрата Рој
Судиите на вчерашното рочиште истакнале дека е исклучително тешко да се поверува на одбраната на групацијата „Сахара“ на индискиот бизнисмен Субрата Рој дека ќе рефундира 4,4 милјарди евра, собрани од инвеститори преку обврзници, јави Фактор.
– Ние ќе ја прифатиме изјавата веднаш, ако докажете писмено, пред Sebi, SAT или во Врховниот суд, дека уште на почетокот ова сте го мислеле – порачале судиите Радакришна и Керар.
Судиите не биле доволно убедени во аргументите на одбраната и на изјавата на бранителот кој ги застапува фирмите на Рој, Рам Џетмалани, кој рекол дека не постои непослушност од нивна страна, туку за проблемите на својот клиент ги обвинил банките кои одбиле да им дадат кредит за да ги вратат парите. Судскиот процес продолжува на 26. август годинава.
Од двете фирми на Рој „Сахара Индија недвижнини“ и „Сахара домување инвестиции“ се бара рефундирање на 4,4 милјарди евра. Врховниот суд на Индија ги замрзна сметките на бизнисменот Рој затоа што преку неговите компании се измамени неколку милиони граѓани. Судот ја задолжи компанијата да го врати долгот со камата, на рати во рок од три месеци, но во предвидениот рок компанијата платила само една рата.
Бизнисменот Рој најави големи инвестиции и во Македонија и на неодамнешната негова посета на земјава изјави дека сè што ветил ќе биде исполнето, без разлика на судскиот случај во Индија.