Земјоделците ќе ги блокираат границите ако не се реши проблемот со откупот
Земјоделците од Струмичкиот регион се закануваат со граѓанска непослушност и блокирање на граничните премини и некои институции, ако Владата не преземе нешто во врска со откупот на доматите од пластеничко производство и регулирање на пазарот на зеленчук. Се жалат дека откупната цена на доматите и другиот зеленчук секојдневно паѓаат, а откупувачи има се помалку. Велат дека поради несоодветната земјоделска политика и несигурното производство, во иднина нивите ќе останат необработени, а селата опустени.
– Бараме интервентен откуп на дел од количествата за да се овозможи останатите количества на домати да добијат пореална откупна цена. Вчера министерот за земјоделство остана глув за нашето барање, со кое се согласија и откупувачите. Предложивме покривање на разликата од 12 денари до 20 или 22 денари по килограм, за што, според нашите пресметки, државата треба да издвои од 200.000 до 300.000 евра. Ако не се направи ништо во наредните десетина дена, кога стасува и другото производство, ќе бидеме принудени на граѓанска непослушност и блокирање на гранични премини и институции – вели претседателот на Сојуз на синдикати на земјоделски производители, Ристо Велков.
Денеска, вели Велков,откупната цена падна на 10 денари за килограм домати, што е далеку од производната цена од 22 денари. И цените на другите земјоделски производи се ниски. Компирот денеска се откупуваше за 5 до 8 денари, краставиците за 5 денари килограм, а зелката беше бесплатна за 1 до 2 денари.
– Значи и трошокот кој го имавме за производството, не можеме да го покриеме. Ќе бидеме принудени да го оставиме на нивите производството или да го фрламе во ѓубриште, а за наредната година никој не е сигурни дали ќе може да ги насади нивите со некаков зеленчук – вели Велков.
Земјоделците се сомневаат дека државата дозволила нерегулиран увоз на зеленчук од соседните земји, а состојбата се влоши и поради губењето на пазарите во поранешните југословенски републики.
– Имаме информација дека од Албанија се увезуваа големи количества домати и друг зеленчук во периодот кога со закон увозот треба да биде контролиран во периодот до 15 мај за оранжериско и до 15 април за разноградинарските култури.Тоа предизвика драстичен пад на откупните цени и проблем за нас земјоделците – појаснува Велков.
Најголем револт има меѓу земјоделците во селото Баница. Тие велат дека уште и субвенции немале земено и откако виделе дека веќе не се живее од земјоделство, 150 жители ги оставиле пластениците и заминале како азиланти во Германија.
Извор: Плусинфо.мк