Граничната полиција се распореди на грчката граница
Мигрантите сериозно притискаат на нашата јужна граница, а од друга страна на српската не се пропуштаат и се враќаат истите во Македонија. Токму поради тоа МВР се распореди со техника, возила и повеќе полициски патроли од специјалците на МВР, за длабинска контрола на приливот на мигрантите.
Полициските сили се лоцирани на кризните диви премини и во реното на Сува Река во гевгелискиот регион, каде го контролираат влезот на мигрантите од Грција.
За десетина дена над 5000 странски државјани искажале намера дека ќе поднесат барање за да им се признае правото на азил, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи.
Откако измените на законот за азил поминаа во Собранието со што на мигрантите им се дозволи 72 часа слободен транзит во земјава бројките секојдневно растат.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија- 3.180, потоа Авганистан- 479, Ирак – 321, Пакистан- 250, Сомалија – 245, додека останатите се во помал број.
Од МВР известуваат и дека продолжуваат со засилени мерки за обезбедување на граничната линија со Грција поради зголемениот притисок од илегални мигранти.
Во меѓувреме на северната граница со Србија, почнаа заеднички патроли на српските и унгарските полициски припадници. Српскиот министер за внатрешни Небојша Стефановиќ рече дека целта е да се спречат илегалните преминувања.
– Тие веќе пристигнаа. Се наоѓаат на границата помеѓу Србија и Македонија и тоа беше мој услов. Така, бидејќи првин се зборуваше сите да дојдат да ни помогнат во чувањето на српско – унгарската граница, јас им одговорив дека тоа супер го правиме со припадниците на унгарската полиција и Србија со тоа нема никаков проблем. Јас ги замолив, ајде да се потрудиме да ја заштитиме српско – македонската граница од илегални преминувања, ама тоа дефинитивно нема да ги спречи оние луѓе кои имаат право на азил да поминат преку Србија, така тие по закон на тоа имаат право.
За проблемот со илегалните мигранти Стефановиќ рече дека разговарале и со бугарската полиција. Низ Македонија според проценките дневно транзитираат над 3000 мигранти.
Невладините реагираа дека проблеми се јавуваат на граничните премини, особено на Табановце каде мигрантите и понатаму не можат легално да влезат на територијата на Србија па ги користат илегалните премини. Но и покрај легалниот премин низ земјава и понатау се регистрираат случаи на криумчарење на мигранти.