И Македонија се вброи во високозадолжените земји
Надворешниот долг на земјава е повеќе и од двојно поголем од целиот годишен буџет.
Надминувајќи 68 проценти од вкупниот бруто домашен производ, надворешниот долг ја става Македонија во листата на високозадолжени земји.
„Бруто надворешниот долг на земјава, заклучно со првиот квартал од годинава изнесува 6,185 милијарди евра“, покажуваат податоците на Народната банка. Во вкупниот долг се вбројува и долгот на фирмите, осигурителни друштва, банки и Народната банка. Само во првите три месеци од годинава долгот е зголемен за 230 милиони евра.
Споредено со домашниот бруто производ, бруто надворешниот долг на земјава достигна 68,68 отсто, што ја става земјава во високо задолжена.
Во структурата на долгот најголем дел или 2 милијарди евра отпаѓаат на долгот на државата, потоа следуваат компаниите, осигурителните компании, домаќинствата кои должат 1,9 милијарди евра, банките со долг од 602 милиони евра и на крајот е Народната банка со долг од 336,7 милиони евра.
Во извештајот на Народната банка, на крајот од првото тромесечје јавниот долг изнесувал 3 милијарди евра и во однос на крајот од ланската година се зголемил за 178 милиони евра.
Јавниот долг пак, изнесува 3,9 милијарди евра или на крајот од првиот квартал од годинава тој изнесувал 43,6 отсто, покажуваат податоците на Министерството за финансии.
Годишниот буџет на Македонија за 2014 година изнесуваше приближно околу 2,3 милијарди евра (2,9 милиони долари).
Извор: Радио Канал 77