Преговорите не се тајни, но некои се далеку од очите на јавноста!
Преговорите со ВМРО-ДПМНЕ не се тајни, се среќаваме со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ на различни ниво, но не е точно дека се преговара за предлог Никола Груевски да се повлече од премиерската функција во јануари наредната година, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на вчерашната пресконференција. Тој сепак не даде прецизен одговор на прашањето дали вчера имал средба со Никола Груевски, како што објавија дел од медиумите, пишува Инфо.
– Тајни преговори нема, но има меѓупартиско преговарање од сите политички партии на сите ниво, во посредство со меѓународната јавност. Кога ќе има резултат од тие преговори, ќе бидат соопштени – рече Заев.
Тој прво рече дека ги демантира информациите дека имал средба со Груевски, а потоа кажа дека меѓупартиските средби ќе продолжат до крајот на неделава. Заев објасни и дека на овие средби не биле повикувани новинарите зошто тогаш секако ништо немало да се договори.
– И денеска има средби и утре, договорено е до крајот на неделава да се завршат сите преговори и да се седне на зелена маса – рече Заев.
За разлика од денешните изјави, вчера од прес центарот на СДСМ објаснуваа дека средба меѓу Заев и Груевски, како и меѓу партиските тимови вооопшто немало.
Заев рече дека не се точни информациите лиферувани во јавноста дека на маса е предлог во ноември да стапат на функција министрите супервајзори, а Груевски да се повлече од јануари.
– Не е точно дека има таков предлог. Има многу предлози од сите вклучени во процесот, и партиите и странците. Но ние секако нема да остапиме од одредени црвени линии, опозицијата заедно со власта да биде гарант за изборите што ќе резултира со полн легитимитет на оној што ќе победи – рече Заев.