Белоглавиот мршојадец, залутан од Хрватска во Скопје, вратен во природа
Белоглавиот мршојадец Ивек, кој во средината на октомври залута во центарот на Скопје, e успешно вратен во природа близу Витачево над строгиот природен резерват „Тиквеш“. Таму им се придодаде на групата од уште 17 белоглави мршојадци, јави Канал 77.
Граѓани на Скопје попладнето на 19 октомври имаа ретка прилика да видат огромен белоглав мршојадец во центарот на градот. Птицата, бркана од чавки и врани, влета во недовршената камбанарија на црквата на ул. Македонија. Белоглавиот мршојадец беше идентификуван благодарение на прстените со кои е обележан (пластичен зелен прстен и алуминиумски орнитолошки прстени од Институтот за орнитологија од Загреб).
Изминатиов викенд, претставници на МЕД, Здружението за заштита на природата „Аквила“ од Кавадарци и здружението за заштита на бувови „Македонски Овл траст“ успешно го вратија во природа Ивек. Птицата беше ослободена на пладне и после краток период на адаптирање, полета во пресрет на група од дури седумнаесет белоглави мршојадци.
Извор: Канал 77