Аналитичари за АлсатМ: Анкетата на ИРИ коресподира со реалноста
Работните групи го прегазија рокот за завршување на дебатата за реформи во медиумите. Здружението на новинарите на Македонија, ги нарече нетранспарентни преговорите меѓу политичките партии и побара итно вклучување на медиумските работници во нив.
„Доколку не се ревидираат и не бидеме вклучени во преговорите, ќе организираме протести пред Клубот на пратениците. Исто така, ќе ги повикаме медиумите да ги бојкотираат евентуалните решенија коишто ќе произлезат од преговорите и политичките партии ќе си организираат слободни и демократски избори без новинари и медиуми“, рече Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
ЗНМ реагираше и во однос на измените во Изборниот законик со кои се предвидуваат двојно поголеми глоби за пишаните медиуми и интернет порталите.
Во меѓувреме, белгискиот посредник Питер Ванхојте го нарече неевропско мешањето на Владата во работата на медиумите. Го нарече цензурирачки членот 92 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
„Не ù следува на Владата или државата да одлучува за тоа. Медиумите треба самите да се организираат и да одлучат како сакаат да работат. Јас можам да го замислам ова за јавниот сервис кому му е потребна доста широка дефиниција за промовирање на културата и различноста, но за приватните медиуми, ве молам, тоа претставува слободен пазар и ова е цензура“, изјави Питер Ванхојте, посредник.
Рокот за завршување на дебатата за реформите во медиумите е одложен до следниот петок. Во досегашната дебата се расправаше за владините огласи, реформирањето и деполитизирањето на јавниот сервис – МРТВ и законскиот правилник што го опфаќа овој сектор.
Извор: АлсатМ