Промовиран Предлог Законот за свиркачи
Македонското општество не е запознаено со можностите што ги нуди новиот Закон за заштита на свиркачите и затоа е потребно промоција на овој концепт во функција на спречување на злоупотреби и корупција во различни институции, изјави денеска Миша Докмановиќ од Институтот за стратешки истражувања и едукација.
– Нашиот Закон нуди можности свиркачите да бидат заштитени и да може како во рамките на самата институција доколку работат или доколку се приматели на услуги, но и надворешно доколку имаат сознанија за тоа дека се спроведуваат злоупотреби во рамките на различни институции во земјата. Законот му нуди заштита доколку пријави сомневање дека се направени злоупотреби – изјави Докмановиќ.
Посочи дека најголем предизвик во Македонија не се законите, туку нивната имплементација.
– Ако ги погледнете извештаите на Државната комисија за спречување на корупција нема регистрирано свиркач пријавен досега од донесувањето на Законот така да овој концепт е се уште нов и станува збор за концепт кој е карактеристичен за англо-саксонскиот систем и во таа насока затоа сакаме негова промоција – изјави Докмановиќ.
Според директорот за правни работи во Проектот за владина одговорнот од Вашингтон Том Девајн, Македонија има еден од подобрите закони за заштита на свиркачите во Европа на хартија, но се уште нема пуштено корени и нема поголемо влијание во реалноста.
– Медиумите треба да дадат публицитет на овие права и како тие може да направат разлика. Медиумите, граѓанските здруженија и владините институции треба да се фокусираат на последиците од тајноста, трагедиите што би можеле да се спречат, неправилностите и криминалите што не би траеле со години, само доколку јавноста знаела за нив. Свиркачите прават разлика во животите на сите нас. Свиркачите се уши и очи на јавноста, и кога корупцијата ја издава довербата на јавноста, тие ја користат слободата да предупредат и можат да ги спречат последиците од тоа – изјави Девајн.