Јужноaфрикански сој на ковид-19 не е детектиран во Македонија, карантин за патниците од Африка
04.03.2021
Расте бројот на новозаразени и на активни случаи со ковид-19, се повеќе со британскиот сој кој побрзо се пренесува и се шири. Во земјава сè уште не е детектирано присуство на јужноафриканскиот сој на вирусот. Кај едно од двете лица кои се вратија од Занзибар со ковид симптоми потврден е британскиот сој, а за вториот резултатите ќе бидат познати денеска.
Двајцата пациенти се хоспитализирани веднаш откако ги добиле првите симптоми на вирусот.
Комисијата за заразни болести предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за лица кои доаѓаат од сите африкански земји.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести согласно актуелната епидемиолошка слика и анализите на Институтот за јавно здравје, не ја исклучуваат можноста да се донесат препораки за нови мерки со цел спречување понатамошно ширење на ковид-19. Апелираат до граѓаните задолжително да ги почитуваат здравствените мерки и протоколи, како носење маска, одржување хигиена на раце и држење дистанца.
Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 807 случаи на коронавирусот од направени 3.312 тестирања. Починати се пет лица, а оздравени 314 пациенти.
Досега во земјава се направени вкупно 530.182 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 104.548, на оздравени е 92.189, а на починати 3.156. Бројот на активни случаи изнесува 9.203.