Почна вакцинацијата со „Спутник V“, а до крајот на месецот се очекува поголемо количество вакцини
11.03.2021
Во скопската поликлиника Јане Сандански вчера почна вакцинацијата со руските вакцини „Спутник V”. До вчера попладнето беа вакцинирани околу 120 лица. Во исто време продолжи и ревакцинацијата со вакцините „Фајзер”. Во меѓувреме вчера беа регистрирани нови 913 случаи на ковид-19 од направени 3 707 тестирања. Шеснаесет лица починаа, а оздравеа 351 пациент.
Согласно податоците од вчера, на инфективните оддели во земјава се лекуваат 917 пациенти со ковид-19 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид центрите. До вчера вкупно 350 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекува на инфективните оддели во главниот град, според вчерашните податоци на МЗ.
Во државава до вчера се направени вкупно 551 917 тестирања. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 109 262. Бројката на оздравени пациенти е 96 173, на починати 3 244, а бројот на активни случаи изнесува 9 845.
Премиерот Зоран Заев ги отфрли обвинувањата за незаконско дејствување во однос на набавките на вакцина против ковид-19 од кинески „Синофарм”. Тој рече дека за набавката на вакцините се одело преку приватни фирми, во случајов и преку „Пауер Чајна”, а нарачката е направена преку кинеската амбасада и МНР на Кина на барање на властите во Пекинг.
Заев негираше какви било лоши намери или незаконско дејствување и оти во овој период правеле напори да се набават вакцини час поскоро.
– Во овој период правиме напори да набавиме вакцина по сите можни канали како што очекуваат нашите граѓани, час поскоро. Јас, а и министерот за здравство ја информираме јавноста дека по две недели чекање на активности на Кинеската амбасада, ние директно преку „Синофарм” не можевме да добиеме контакти и дадовме нарачки преку приватни компании кои МНР не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме да стигнат нарачките преку МНР на Кина, односно преку Кинеската амбасада, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со пишувањата на весникот „Ла Верита“.
Секоја земја, додаде Заев, прави напори и ние истовремено, покрај официјалните преку амбасадите, имаме испратено писмо за намери и преку десетина приватни компании од Австрија, Велика Британија и САД.