Пензионерите протестираа во Скопје, бараат покачување на пензиите за 3.500 денари
Пензионери од целата земја денеска протестираа во центарот на Скопје, со барање за покачување на пензиите за 3.500 денари на месечно ниво, или 40.000 денари на годишно ниво. Протестот го одржаа пред седиштето на Сојузот на здруженијата на пензионери и пред Министерството за труд и социјална политика.
Барањата на пензионерите се минималната пензија во земјава да биде 18.000 денари и владата линеарно да им ја зголеми пензијата за 3.500 денари. Тие се незадоволни и од раководството на Сојузот на здруженија на пензионери и побараа негово укинување или разрешување на актуелната претседателка на Сојузот, која се спротивстави на протестот. Воедно, пензионерите кои излегоа на протестот побараа укинување на членарината и другите издатоци кои се префрлаат во Фондот за пензионери.
Пензионерите од денешниот протест порачаа дека најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто е премало и изразија револт поради зголемувањето на функционерските плати за 78 отсто. Покрај во Скопје, во изминативе денови протести се одржаа и во неколку града низ земјава, а протести се најавени и за во иднина, доколку не се исполнат нивните барања.
Дума.мк