Вонредна состојба во делови од Германија
Во огромното невреме во Баварија животот го загубија четири лица. Едно лице сѐ уште се води како исчезнато. Многу е погодена и покраината Северна Рајна Вестфалија. Во округот Везел е прогласена состојба на катастрофа, пишува Дојче веле.
Големите поплави што ја зафатија Баварија однесоа четири жртви. Нуркачите во една куќа во Зимбах на Ин открија тела на тројца возрасни, соопштија властите. Во Јулбах, кој исто така припаѓа на округот Ротал-Ин, од водата е извадено тело на жена. Причините за смртта засега не се познати.
Најмалку едно лице сѐ уште се води како исчезнато. Полицијата засега не ги потврдува извештаите дека лицето е веќе пронајдено мртво во општината Цајларн.
Во окрузите Ротал-Ин и Пасау вчера е прогласена состојба на катастрофа. Во општините Зимбах на Ин, Трифтерн и Тан цели улици се однесени од водата, а голем број куќи пловат по површината. Портпарол на полицијата во овој дел на Баварија извести дека во некои места луѓето успеале да се спасат само благодарение на тоа што се качиле на покривите. Водата дошла одеднаш и брзо.
Трифтерн извесно време беше пресечен од останатиот свет поради тоа што сите мостови беа однесени од надојдената вода. Во меѓувреме, како што се вели, состојбата во регионот е малку смирена. Властите проценуваат дека материјалната штета ќе биде во двоцифрен милионски износ. Баварскиот министер за финансии Маркус Зедер најави брза финансиска помош.
Нема изгледи за подобрување во наредните денови
Текстот на Дојче веле во целост прочитај го ТУКА