Активисти на „Гринпис“ протестираа на брод!
Активисти на „Гринпис“ се качија на брод што превезува австралиски јаглен. Тие протестираа на палубата на бродот MV Meister што превезува јаглен од Аботпоинт во Квинсленд.
Во директна акција за прекин на извозот на јаглен, шестмината активисти се искачија на бродот додека ги напушташе австралиските води. Активистите од неколку различни земји, вчера во седум часот наутро се искачија на бродот натоварен со јаглен.
Зборувајќи за „Гардијан“ од палубата на бродот, 34 годишната Ема Џилс, активистка на „Гринпис“, изјави: „Денеска преземавме акција затоа што Австралија е на пат да го удвои извозот на јаглен во наредната декада. Обете главни политички партии немаат решение на маса. Време е да се запре со процутот на јагленот. Нашите лидери не изневерија, па сега е ред на нас да покажеме граѓанска непослушност, да ги забавиме и да ги запреме овие бродови со јаглен. Подготвени сме да останеме тука колку што треба“.
На изгрејсонце, активистите се искачија на бродот од гумени чамци. Претходно беа на палубата на „Воинот виножито“, брод во сопственост на „Гринпис“.
Портпаролот на „Гринпис“, на палубата на „Воинот виножито“ рече: „Ги повикуваме останатите области во Австралија да ги преземат сите неопходни мерки и да спречат удвојување на извозот на јаглен. Нема да можеме да се справиме со климатските промени што би настанале со тоа“. Според истражувањето спроведено од „Гринпис“, со експанзијата на извозот на јаглен, Австралија стана втора на светот помеѓу 14 земји со најголемо производство на фосилни горива.
„Не можеме да се преправаме дека Австралија ја игра својата улога во битката против климатските промени ако продолжи со извозот“, рече активисктата на „Гринпис“ Џорџина Вудс./Н.Р
Протестот го објави Гардијан. http://www.guardian.co.uk/world/2013/apr/24/greenpeace-boards-ship-australian-coal