Почина човечкиот компјутер!
Брзо: Колку е квадратен корен од 61,629,875? Збунети? Шакунтала Деви, жената позната како „човечки компјутер“ можеше да ви каже и тоа побрзо од било кој математички компјутер. Деви, која почина на 21 април на 83 годишна возраст, во нејзиниот дом во Бангалор во Индија, одеше низ светот како чудо и се појавуваше на радио, телевизија и во театри.
Во 1997 на Јужниот методистички универзитет во Далас, Деви го пресмета 23-от корен од број со 201 цифра за 50 секунди и го победи Унивак компјутерот кој истата калкулација ја направи за 62 секунди. Деви заслужи место во Гинисовата книга на рекорди во 1982 кога точно помножи бројки со 13 цифри за само 28 секунди пред вџашената толпа во Империал колеџот во Лондон.
Раните години на Деви, родена на 4-ти Ноември 1929 не ветуваа многу. Порасна во православно браманско семејство, но со див порив. Татко и одбил да ја следи семејната традиција и наместо свештеник работел во циркус како акробат на трапез, тренер на лавови и човечко ѓуле.
Во детството Деви немала формално образование. Еднаш за изданието на Тајмс во Индија таа изјавила: „На 10 годишна возраст ме примија во прво одделение во училиштето на манастирот „Св. Тереза“ во Шамарајпет. Но, родителите не можеа да обезбедат месечен надомест од 2 рупии и за три месеци ме избркаа“.
Додека играл карти со Деви, нејзиниот татко ја забележал необичната дарба за пресметки и меморија и ја започнал нејзината кариера во циркус и на патувачки претстави.
„Станав единствената хранителка на семејството, а тоа беше огромна одговорност за едно дете. На шест годишна возраст го имав првиот настап на Универзитетот во Мајсур, Индија и тоа беше почетокот на мојот маратон од јавни настапи“.
Кога во 1988 ги посети САД, образовниот психолог Артур Џенсен од Универзитетот Беркли во Калифорнија ја тестирал во неколку аритметички задачи.
„Деви ги реши повеќето проблеми пред воопшто да можам да ги запишам во тетратката“, призна Џенсен. „За чудо од пресметувач како Деви, манипулацијата со бројки е како мајчин јазик, додека за луѓето како нас, аритметичките пресметки се како странски јазик што го учиме на училиште“, рече Џенсен.
Деви беше и астролог, автор на книги за кулинарство и писател. Ги надживеа ќерката, зетот и две внуки./Н.Р
Извор: HUFFINGTON POST