Оклахома сити: Торнадо – Спасувачите бараа деца во ноќта
Мур, Оклахома – Под ситниот дожд и набрзина поставените светла, десетици спасувачи, во понеделникот ноќта бараа исчезнати деца во Основното училиште „Плаза тауерс“.
„Бараат живот, но досега без успех“, доцна во ноќта изјави Гувернерката Мери Фејлин.
Кога падна ноќта, педесетина работници се наредија во линија и тргнаа во урнатините на училишната зграда претворена во купишта расфрлани цигли, блокови и железо, пренесуваат американските медиуми.
Во воздухот се чувствуваше мирисот на гас. Подоцна донесоа и кучиња спасувачи кои душкаа низ остатоците. Од врвот на урнатимите допираа ѕвуци на чекани.
Гувернерката потврди дека во остатоците на училиштето се пронајдени тела на деца и возрасни лица. „Сеуште не се сигурни за бројот на исчезнатите“, рече Фејлин.
„Овде во полето, се пронајдени возрасни лица. Не сме сигурни дали се родители што дошле да си ги бараат децата. Сеуште не знаеме каде се некои од учителите и децата“.
Брајан Моган, комесар на округот Оклахома, рече „ Ова е најкатастрофалната слика што сум ја видел“. Масивното торнадо што во понеделникот попладне помина одовде демолираше домови, корнеше дрвја и превртуваше автомобили фрлајќи ги врз кровот на уништеното училиште. На својот пат, со моќен ветар ја искорна и тревата.
Рано изутринава, преживеани ученици излегоа од урнатините. „Доаѓаше, удираше и сите викаа да ја наведнеме главата, но некои луѓе беа повредени“, рече едно девојче во телевизиско интервју.
Но како што се оддолжуваше потрагата, носилките останаа неискористени и веќе немаше потреба од амбулантни возила. Во близина на училиштето луѓето кружеа плачејќи.
Дел од возрасните го следеа напорот на спасувачите да извлечат некого од училиштето кое немаше соодветно засолниште од бури. Еден човек рече дека нашол тело на бебе крај блиската продавница.
Во понеделничката ноќ имаше малку добри нешта. Во близина на училиштето Сандра Најт со сопругот копаа два часа во урнатините на нивната уништена куќа и го пронајдоа живо нивното четиригодишно куче Клара. Луѓето во близина аплаудираа.
Во близина на патот 134 во Оклахома, утринава беше пронајдено уште едно тело. Го пронајдоа членови на семејството пребарувајќи под урнатините на уништената куќа. Денеска напладне повеќемина претставници на властите изјавија дека учесниците во потрагата по преживеани се на краток одмор. Жртвите и штетите допрва ќе се бројат. /Н.Р