Протести на улиците во Истанбул!
Илјадници демонстранти денеска повторно излегоа на улиците на Истанбул протестирајќи против политиката на исламско-конзервативната влада на премиерот Ердоган. Полицијата пак употреби водени топови и солзавец, јави Дојче Веле.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во меѓувреме призна дека постоела грешка во акцијата на полицијата против демонстрантите, но истовремено најави нејзино продолжување. Бранот протести, кој продолжува денеска, уште вчера зафати повеќе турски градови. „Искрата“ всушност беше насилното растурање на протестниот камп, со кој група луѓе се спротивставија на уништувањето на еден парк во центарот на Истанбул, на плоштадот Таксим, како и на изградбата на спорен градежен проект на негово место – трговски центар. Протестите во меѓувреме се свртија и против се‘ поавторитарната политика, според впечатокот на луѓето, која ја води исламско-конзервативната владејачка партија АКП.
Демонстрантите и набљудувачите сметаат дека со оглед на жестината на полициската акција, има стотици повредени. Властите не го потврдија ова, како ни информациите за повеќе загинати, раширени преку социјалните мрежи. Уште ноќеска до раните утрински часови непрекинато на улиците протестираа илјадници луѓе.
Ердоган денеска призна дека реакцијата на полцијата била несразмерна, поради што наредил истрага. Но, тој ги повика демонстрантите да ги запрат протестите. Владата, избрана од народот, нема да потклекне под барањата на едно малцинство, истакна тој. Повеќе опозициски партии побараа запирање на полициската акција.
Турската полиција со голема жестина се пресмета со демонстрантите кои протестираа против изградба на трговски центар во централен парк во Истанбул. Полицијата употреби водени топови и солзавец, ситуацијата ескалираше.