Наса откри алтернативна „земја“-планета со исти услови за жвот како нашата
Кеплер 452б, се вика потенцијалната „нова Земја“, односно планетата со слична големина колку нашата, што орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето, а што ја забележаа астрономите на НАСА со помош на телескопот Кеплер.
„Овој возбудлив резултат нѐ води чекор поблиску до пронаоѓањето на Земја 2.0“, изјави по поводот експертот на НАСА, Џон Грунсфелд.
Системот каде што се наоѓа Кеплер 452б е оддалечен од нас 1.400 светлосни години и се наоѓа во соѕвездието Лебед (Cygnus). Овие 1.400 светлосни години значат дека со сегашните можности за патување во вселената е невозможно да се стигне таму – летало што би носело луѓе и би се движело со брзината на сондата на НАСА, Нови хоризонти, на Кеплер 452б би стигнало за 25,8 милиони години.
Планетата има 60% поголем пречник од Земјата, масата и составот сѐ уште не ѝ се одредени, а досегашните истражувања покажуваат дека површината на Кеплер 452б најверојатно е каменеста. Се верува дека има услови за постоење на површинска вода, што е предуслов за живот. Ѕвездата на оваа планета е стара 6 милијарди години, односно, 1,5 милијарди години постара од Сонцето. Има слична температура (како Сонцето), посветла е од него за 20%, и има 10% поголем пречник. Научниците сметаат дека сличноста со Сонцето значи дека евентуалните растенија таму (на Кеплер 452б) би можеле да вршат фотосинтеза, а вегетацијата би била побујна поради поголемата светлина и топлина (што доаѓа од ѕвездата).Оддалеченоста меѓу Кеплер 452б и ѕвездата околу која орбитира е 5% поголема од онаа меѓу Земјата и Сонцето. Според Џон Џенкинс, аналитичар на податоци добиени од телескопот Кеплер, вели дека планетата поминала милијарди години на оптимално растојание од својата ѕвезда, што значи голема можност на нејзината површина да постои живот или барем некогаш да постоел. Траењето на годината на планетата што веќе се нарекува „Земја 2.0“ е за само 20 дена подолго отколку на Земјата (годината таму трае 385 дена).
Извор: Капитал