Уморни и исцрпени, бегалците ја преспаа ноќта во Србија
Над 5 000 бегалци од Сирија, Ирак, Авганистан пристигнаа со возови, автобуси и такси од Гевгелија во јужниот српски град Прешево, откако македонските власти ја деблокираа границата со Грција, пренесе Фактор.
Овој прилив на бегалци, кој е рекорден за последниот месец во Прешево, доведе до речиси вонредна состојба во градот, пишува српскиот весник “Данас”.
Бегалците се по улиците, во рестораните, центарот за прифаќање беше под опсада. Таму се праќаат се повеќе храна и вода. Меѓу имигрантите има многу жени, деца и бремени кои изгледаат уморни по дводневното чекање на грчко-македонската граница кај Гевгелија.
Во непосредна близина на граничниот премин со Македонија во село Миратовац е отворен камп за сместување на бегалците. Издигнати се девет големи шатори. Самите бегалци исто така ги креваат шаторите кои ги носат со себе.
Српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ рече дека има недостиг на вода за пиење, потребно е и повеќе храна, бидејќи во наредните 2-3 дена се очекува силен прилив на бегалци од Македонија.
Во Миратовац се очекува да пристигне уште еден лекарски тим од Воената болница во Ниш, за да биде укажана медицинска помош на сите кои имаат потреба. А такви вчера не беа малку, пишува весникот.
Заморот, жедта и гладот се натежнати врз колоните луѓе, некои изгледаат сосема изнемоштени. Најмалку 4 000 бегалци има во полето до селото, каде е направен камп за прифаќање, а речиси 1.000 се во центарот во Прешево.
Бројот на бегалците се зголемува со секој изминат час, од Македонија пристигнуваат нови и нови возови и автобуси. Многу бегалци пристигнуваат и пеш.
Во оваа ситуација е подобрено присуството на жандармеријата со боречки автомобили.
Министерот Гашиќ објаснил дека сепак досега немало ниту еден инцидент. “Гледаме дека овие луѓе изгледаат беспомошни и апсолутно исцрпени”, рече тој.
По добивањето на потребните документи од српските власти имигрантите имаат осигурен превоз до Белград.
При тепачка меѓу бегалци во Белград, пак, вчера бил тешко повреден еден Авганистанец. Тој бил избоден со нож во стомакот во паркот крај автобуската станица.
Извор: Фактор