Време на немири и надеж
Светските лидери се собираат на 70-иот состанок на Генералното Собрание на Обединетите Нации. Собирот доаѓа во период кој Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го нарече „време на немири и надеж“.
Сирија е главното прашање на 70 – тото Генерално Собрание на Обединетите Нации кое почнува денеска во Њујорк. Светските лидерите бараат крај на конфликтот во Сирија во кој досега загинаа над 200 илјади луѓе, а милиони лица се раселени.
Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Владимир Путин се меѓу првите кои се обраќаат на Генералното Собрание.
Станува збор за прво појавување на рускиот претседател Путин во Собранието на Светската Асамблеја во последната деценија. Неговиот фокус е врз борбата против исламскиот екстремизам на Блискиот исток, вклучувајќи ја и Сирија, каде што Русија во последните недели го зголеми своето воено присуство како поддршка на режимот на Башар ал Асад.
Тоа предизвика загриженост во Вашингтон поради Сирија, но и поради чекорите на Москва во источна Украина и поддршката на тамошните про- руски сепаратисти, нешто што Кремљ го негира.
Но, Владимир Путин и претходно изјави дека Москва не планира да учествува во копнена операција во Сирија
Меѓу оние кои во Њујорк го привлекуваат вниманието на јавноста е и иранскиот претседател Хасан Рохани.
Тој, исто така се фокусира врз кризата во Сирија. Според Рохани, отстранувањето на неговиот сојузник Башар ал Аасад од власта во Сирија ќе креира од оваа земја рај за екстремистите.
Извор: Радио Слободна Европа