За бегалците не смее да има „горни граници“
Весникот „Билд“ наводно открил документ во кој се тврди дека во Германија ќе пристигнат околу 1,5 милиони бегалци. Наоми Конрад стравува дека тоа ќе им даде повод на оние кои бараат ограничувања, пишува Дојче веле.
Некои изјави многу добро ги опишуваат бруталноста и ужасот на војната во Сирија. Како оваа на пример: Или мачката ќе умре, или твоето дете“. Ајхам Ахмад, бегалец од Јармук пред неколку дена ми кажа дека никогаш не сакал да убива мачки или кучиња. Но, не можел да најде друга храна за неговите деца. „Затоа заклав мачка, за да преживеат моите деца“.
Пред помалку од еден месец, Ахмад, инаку пијанист, побегнал од Јармук, палестински бегалски логор јужно од Дамаск кој неколку месеци бил под контрола на исламистите. Таму недостасува сѐ: храна, лекови, и пред сѐ- надеж.
Германија- земјата на надеж
Конечно, Ахмад тргнал кон Германија во потрага по подобар живот, или подобро кажано, во потрага по надеж. Сѐ повеќе очајни Сиријци, Ирачани или Авганистанци, како Ахмед пристигнуваат во Германија. Според „таен документ“ до кој имал пристап таблоидот „Билд“, 1,5 милиони бегалци ќе пристигнат во Германија до крајот на годината. Тоа е далеку повеќе од проценките на Владата. Официјално, тие се уште проценуваат 800 илјади бегалци.
Владата ги демантира наводите на „Билд“. „Никој не знае за таков документ“, изјави владиниот портпарол во понеделникот. И портпаролот на Министерството за внатрешни работи изјави дека, иако бројките во септември се доста високи, искуството кажува дека во зимските месеци приливот на бегалци ќе се намали.
Не е чудно што владата ги релативизира бројките. Првичната еуфорија поради пристигнувањето на бегалците, во Германија полека спласнува, а многу фалената „култура на добредојде“ полека се трансформира во повици за „култура на пристигнување“. Се почесто, политичарите говорат за „горни граници“ и подобра заштита на надворешните граници. Некои дури сугерираат и преиспитување на основното право на азил.
Текстот во целост прочитај го тука.