УХМР: Најавените врнежи нема да предизвикаат излевање на поголемите реки
2.06. 2020
Нема опасност од излевање на поголемите реки во земјава и покрај најавите за локални поројни врнежи дожд во наредните неколку дена, соопшти УХМР.
Според Управата, доколку на одредени места врнежите бидат поинтензивни и паднат за кратко време и ако бидат во форма на невреме придружувани со силен ветер, можна е појава на слевање на вода во градските урбани средини поради неможноста за одведување на водата.
-Почнувајќи од денешните попладневни часови па во наредните неколку дена, на поедини места од државата се најавуваат локални поројни врнежи од дожд, при што нема опасност од излевање на поголемите реки во земјата. При краткотрајни интензивни врнежи можно е локално брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците. При такви околности, предупредуваме на внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците низ земјава, наведува УХМР.
Временската прогноза за денеска на УХМР е дека времето ќе биде многу топло до попладне кога на места се очекува дожд, а слично време не очекува и и во следните денови
Претпладне сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Максималната температура до 37 степени. УВ=9.
И утре ќе има појава на попладневна локална нестабилност, а поинтензивна нестабилност со пороен дожд и грмежи ќе има за време на викендот.