Филипче: „Ќе нема рестриктивни мерки по изборите“!
9.07.2020
Здравствените власти во земјава најавуваат дека ќе нема враќање на рестриктивните мерки по одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули. Ова вчера го најави и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека кај нас нема најава дека е потребна некаква дополнителна мерка. Во своето образложение за овој став тој посочи дека за разлика од Србија, каде имаше големи собири на спортски натпревари, кај нас овие собири за забранети.
– Може да се одигруваат спортски натпревари, групни спортови без публика заради тоа што знаеме дека тоа е еден огромен ризик. Во таа смисла и моментот кога треба да се воведе рестрикција, треба добро да се оцени, затоа што во даден момент можеби и е многу доцна, кажа Филипче.
Воедно, истакна дека во последниот период има се помал број пациенти во болници. Просекот на новодијагностицирани според него секој ден се намалува.
Истовремено, првиот човек на здравството во државата напомена дека било каква форма на собир каде што нема да се одржува дистанцата, нема граѓаните да носат маски асполутно е ризик како по здравјето на таму присутните, така и по здравјето на сите нивни блиски.
Министерот за здравство, сепак, кажа дека верува дека во последните денови од кампањата, а и вечерта по изборите кога ќе се знаат резултатите, ќе се почитуват апсолутно сите протоколи.
Инаку вчера беа направени 1794 тестирања, а се регистрирани се 163 нови случаи на Ковид-19 во. И понатаму најголемиот број на позитивни случаи се регистрираат во Скопје (вчера вкупно 87 позитивни). Од друга страна вчера од Институтот за јавно здравје беше соопштено дека има 230 оздравени пациенти, од кои 126 само од Скопје, каде е и најголемиот бројот на активни случаји во државата, (1.895), потоа следат градовите Куманово и Тетово, односно Штип.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7.406, бројката на оздравени пациенти е 3.554, на починати е 359, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.493.