Жртви при терористички напад во туристичкиот центар на Истанбул
Има жртви при експлозија во историскиот центар на Истанбул, објави АФП. Сè уште не е позната причината за експлозијата. Амбулантни возила и полиција се насочија кон плоштадот “Султан Ахмед” во стариот кварт Фатих, соопштија локалните телевизии.
Според турската редакција на СНН, експлозијата е во близина пред Сината џамија. Моќната експлозија се слушнала во околните области, дополнуваат од СНН. Најверојатно нападот е извршен од бомбаш-самоубиец. Според податоците на локалните медиуми, цитирани од ТАСС, терорист експлодирал на познатиот плоштад до група странски туристи.
Турските медиуми пак јавуваат дека станува збор за самоубиствен напад кој го извршила жена. Таа била запрена од полицаец на кого му делувала сомнително, по што го детонирала експлозивот. Во детонацијата животот го загубиле и жената-самоубиец и полицаецот.
Во октомври 103 лица загинаа во две саморазнесувања за време на мирен протест во Анкара. Овој напад беше припишан на групата “Исламска држава”. Турските власти приведоа неколку осомничени за врски со џихадистите во последниве неколку недели, токму заради наводна подготовка на напади во Истанбул. Владата во моментов води борба со забранетата Курдистанска работничка партија.
Извор: Локално.мк