Десет дена по отворањето на средните училишта во Грција, потврдени 2.000 позитивни ученици на ковид-19
21.04.2021
На десет дена од отворањето на повисоките класови од средните училишта во Грција, потврдени се околу 2.000 позитивни случаи од над еден милион направени селф тестови, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Tестовите за домашна употреба се задолжителни за учениците, професорите и останатиот персонал, два пати седмично, а позитивните случаи се по три тестирања.
Генералниот секретар од Министерството за образование на Грција, Алексис Копцис, за грчката телевизија „Антена”, утрово рече дека бројот на позитивни ученици не е над 0.1 отсто.
Според официјалните податоци од Министерството за образование на Грција, целосно се затворени два отсто од средните училишта и има 1,05 проценти делумно затворање.
Портпаролката на грчката Влада, Аристотелиа Пелони, за грчката телевизија „Скај”, утрово рече дека отворањето на останатиот дел од средните училишта, односно пониските класови, како и основните училишта е приоритет за Владата и не ја исклучи можноста да се отворат на 10 мај.
Предвидено е враќањето во училишните клупи да биде со селф тестови два пати седмично, како што веќе важи за средношколците на возраст од 16 до 18 години.