Од следната година Британците ќе се разведуваат преку интернет
Британците кои сакаат развод на бракот веќе нема да мораат да одат во судница и да се соочат со својот партнер „очи во очи“. Според предлогот измената на Семејниот закон на оваа земја, од 2017 година разводот ќе биде возможен преку интернет.
За расправите, преговарањето и сето она што мора да се изврши кога ќе се поднесе барање за развод, отсега Британците ќе го извршуваат преку лаптоп или мобилен телефон. Двојките кои спогодбено сакаат да се разведат ќе одговараат на низа прашања за нивниот брак преку онлајн формулар. Во него ќе се најдат прашања за нивниот имот и деца.
Во иднина нема да има ниту хартии ниту пак судиите ќе мора да влегуваат во судница за да го завршат процесот на разводот. Но, веќе се појавиле противници на оваа идеја кои тврдат дека ваквиот начин на развод ќе го девалвира бракот.
– Бракот е сериозен бизнис. Разводот бара време, размислување и разбирање, а не непромислено брз начин преку онлајн форма. Би било погрешно да се регулира разводот преку објавување на твитови. Тоа треба да се направи човечки и лично – изјавил Хари Бенсон од фондацијата „Брак“.
Од друга страна, иницијаторите на овој предлог сметаат дека на овој начин ќе заштедат пари и време. Сепак, оние потешките случаи ќе мора да бидат завршени на традиционален начин на суд.
Извор: Плусинфо.мк